Црна Гора вчера занеми над судбината на 11 загинати во Цетиње. Две невини деца на возраст од 8 и 11 години загинаа во крвавата престрелка на налудничавиот Вук Бориловиќ (34), а на убиецот му пресудил сограѓанин.
Се уште нема официјални информации што го натерало овој човек од Цетиње, за кого соседите тврдат дека не бил проблематичен, вчера околу 15 часот да изврши невиден масакр и прво да ги убие своите станари (мајка и два сина), а потоа да излезе на улица и по случаен избор да пука во случајни минувачи.
Некои од очевидците рекле дека пукањето траело речиси еден час, а она што синоќа го потврдила полицијата е дека тој со смртоноснио поход почнал околу 15 часот и 30 минути и дека користел ловечка пушка.
– Според засега познатите околности, околу 15 часот и 30 минути, триесет и четиригодишниот цетињенец В.Б., пукал во семејство, чии членови престојувале во просториите на неговата куќа како станари во населбата Медовина. Во таа прилика, со употреба на огнено оружје – ловечка пушка, им ги одзел животите на две деца, едното на возраст од осум, а другото единаесет, а ја повредил нивната мајка, која на повредите им подлегнала во медицинска установа. Потоа излегол и со истото огнено оружје пукал кон жителите на оваа населба, при што им ги одзел животите на уште седум лица, а ранил шест – изјави синоќа директорот на Полициската управа Зоран Брѓанин. Тој додаде дека граѓаните повикале полиција, која се обидела да го спречи напаѓачот, но дека тој отворил оган кон нив.
– На повик на граѓаните на местото на настанот се испратени полициски службеници, при што во размената на оган еден полицаец е тешко ранет, изјави Брѓанин.
Иако на почетокот имаше информации дека Бориловиќ е убиен од полицаец, властите по истрагата соопштија дека еден од граѓаните кој случајно се нашол на улица му пресудил.
По објавувањето на веста, почнаа да се појавуваат шокантни детали од масакрот што го згрози целиот регион.
Како што објавија црногорските медиуми, Бориловиќ прво упаднал во куќа во која живееле станари: жена и две деца. Ладнокрвно ги убил децата кои се обиделе да се сокријат зад вратата, а потоа ја застрелал нивната мајка. Потоа го повикал нејзиниот сопруг и му кажал што направил, а го убил човекот кој дошол да види што се случува и да се обиде да ги заштити мајката и децата во дворот. Како што на Фејсбук објави црногорската лекарка Милена Поповиќ Самарџиќ, убиената била медицинска сестра, а животот го загубила со двата сина.
Убиецот не застанал тука, туку излегол на улица и почнал по случаен избор да пука во луѓе. Очевидци изјавија дека глетката била страшна, а полицијата соопшти дека на местото на настанот пронашла 9 тела.
Во масакрот се ранети шест лица, од кои тројца се тешко повредени.
Директорката на КГЦГ, Љиљана Радуловиќ, синоќа за медиумите изјави дека во Клиничкиот центар се примени четири повредени лица, од кои тројца се во животна опасност, додека дежурниот хирург Перица Мараш за „Вијеста“ изјави дека три лица се оперирани.
– Тројца пациенти се оперирани од неврохирурзи, хирурзи и ортопеди. Станува збор за многу сериозни повреди и засега не можеме да објавиме дефинитивна прогноза, изјави Мараш.
Цетињани вчера занемеа поради трагедијата што се случи. Многумина не го ни познаваат Вук Бориловиќ, а оние што го познаваат велат дека се изненадени од тоа што го направил. Велат дека претходно работел како келнер во Националниот парк Ловќен, дека бил мирен сосед.
– Тага, трагедија… – повторуваат цетињечани шокирани од она што се случи денеска.
-Тој беше ловец, а се зборува дека ги убивал луѓето со ловечка карабина. Имаше оружје. Многу ни е тешко, не можеме да веруваме дека го направил ова – вели жителка на Цетиње.
Вук Бориловиќ е роден во Цетиње. Основно училиште завршил во Цетиње, а гимназија поморско инженерство во Белград. Беше оженет и татко на три деца.