Претседателот на косовското Собрание и лидер на Демократската партија на Косово (ПДК), Кадри Весели вели дека Владата на премиерот Рамуш Харадинај може да се урне само самата себеси, но дека ПДК нема да го стори тоа, јави дописникот на МИА од Приштина.
Весели во интервју за ТВ Дукаѓини ги коментира шпекулациите во медиумите дека неговата партија, на барање на претседателот на Косово, Хашим Тачи, ќе ја урне Владата на Харадинај, поради неговото упорно одбивање да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
Лидерот на ПДК порача дека тој и неговата партија, која е дел од владината коалиција, ќе го предадат мандатот „доколку се загрозат стратешките интереси на земјата“.
– Јас ќе го оставам во кал секого кој и нанесува штети на земјата, доколку земјата не напредува, доколку се загрозат стратешките интереси на земјата, доколку се загрози партнерството со САД. Јас мандатот му го доверувам само на народот, не го ставам в џеб, изјави Весели.
Тој има забелешки на премиерот Харадинај поради неговото упорно одбивање на барањата од страна на САД да ја укине таксата на српскиот увоз.
– Она што јас би го побарал од Харадинај е да се фокусира повеќе на економските реформи и да внимава повеќе на односите со САД и другите партнери. Партнерството со САД не е прашање на шега, изјави собранискиот спикер.
Весели завчера, по средбата со американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, предложи таската, под одредени услови, да се суспендира на 120 дена. Меѓутоа, овој предлог Харадинај го одби, со образложение дека Србија не отстранила ниту една од причините поради кои таксата е воведена. Тој останува на ставот дека таксата ќе се укине тогаш кога Србија ќе ја признае независноста на Република Косово.