понеделник, 11. март 2024. Вести денес: 0
home Регион

Вигемарк: Состојбата во северно Косово е мошне кревка, луѓето се исплашени

Вигемарк: Состојбата во северно Косово е мошне кревка, луѓето се исплашени

Шефот на Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово – ЕУЛЕКС, Ларс Гунар Вигемарк ја оцени безбедносната состојба во северно Косово, создадена по напуштањето на институциите од страна на косовските Срби, како „мошне кревка“, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната посета на областа во која живее мнозинско српско население, Вигемарк на својот Твитер напиша дека тамошното население е исплашено од можниот развој на настаните по најавеното спроведување, од 21 ноември, на одлуката на Владата во Приштина за казнување на тие што нема да ги променат регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС, односно Република Косово.

-По средбите што ги имав во Северна Митровица со политичките лидери, граѓанските организации и неодамна формираната полициска единица на ЕУЛЕКС, јасно е дека безбедносната состојба е мошне кревка и дека месното население е исплашено. ЕУЛЕКС ќе продолжи да ја мониторира ситуацијата и бара од сите да покажат максимална воздржаност, напиша Вигемарк.

На крајот на минатата недела ЕУЛЕКС објави дека Специјалната полициска единица во рамките на таа мисија се засилила со резервна единица од 23 карабинери на италијанската жандармерија.

Косовските Срби, почнувајќи од 5 октомври, ги напуштија државните и локалните институции во Косово, откако владата на Албин Курти одлучи да спроведува санкции за оние кои нема да ги заменат српските со косовски регистерски таблички.

Од почетокот на месецов органите на редот им изрекуваат укори на лицата кои не ги промениле табличките, а од 21 ноември, според владината одлука, ќе почнат да се изрекуваат парични казни. Оваа мерка е предвидено да трае до 21 април, кога ќе започне целосната примена на законот, односно ќе биде забрането движењето на возила со незаконски таблички издадени од Србија.

Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, најави дека, во моментот кога ќе почнат да се изрекуваат казни, ќе започне „жесток отпор“ против властите во Приштина. (МИА)