Косовската вицепремиерка Албулена Баљај-Халимај најави дека владите на Косово и Албанија и годинава ќе ја продолжат традицијата на заеднички седници, при што се очекува потпишување на нови меѓудржавни договори и разгледување на можностите за унапредување на оние кои веќе се постигнати, јави дописникот на МИА од Приштина.
Баљај-Халимај за порталот „Економиаонлајн“ изјави дека седницата се очекува да се одржи во втората половина на септември и најави потпишување на три, како што ги нарече, „големи договори“.
– Минатата недела имав средби со организациониот одбор, со кој работиме на подготвуање на заедничката седница и на наредните договори. Се работи за три, би рекла, големи договори: првиот е за царината (за потребите на Косово) во Драч, потоа за железничката линија и за хидроцентралата која ќе се гради во Република Албанија за Косово, изјави Баљај-Халимај.
Првата заедничка седница на владите на двете земји се одржа на 11 јануари 2014 година во Призрен и беше водена од тогашните премиери на Косово и Албанија, Хашим Тачи и Еди Рама, кои тој настан го оценија како „историски“.