Привремен или постојан престој во Црна Гора им е одобрен на нешто повеќе од 13.500 руски државјани, додека истовремено во земјата има околу 11 илјади Украинци врз основа на привремена заштита или одобрен престој, покажуваат податоците на црногорското Министерството за внатрешни работи.
Од почетокот на војната во Украина барање за престој во Црна Гора во времетраење до 90 дена побарале 112.755 граѓани на Русија и 50.614 Украинци.
Министерството за внатрешни работи наведува дека од почетокот на војната во Украина на 24 февруари до 10 октомври годинава е регистриран влез во земјата на 119.619 државјани на Руската Федерација, од кои 103.406 биле регистрирани и на заминување.
„За истиот период престој до 90 дена пријавиле 112.755 државјани на Руската Федерација“, соопшти црногорското МВР.
Во моментов, 8.157 граѓани на Руската Федерација живеат во Црна Гора врз основа на одобрен привремен престој, од кои 4.269 врз основа на одобрен продолжен престој додека 1.146 Руси живеат во Црна Гора со одобрен постојан престој.
За истиот период регистриран е влез на 73.558 државјани на Украина, додека на излез биле регистрирани 65.700 украински државјани.
„За истиот период престој до 90 дена пријавиле 50.614 граѓани на Украина“, соопшти црногорското МВР.
Во земјата моментално престојуваат 934 граѓани на Украина врз основа на одобрен привремен престој, 1.141 државјанин на Украина по продолжен привремен престој, како и 2.359 граѓани на Украина со одобрен постојан престој.
„Барања за одобрување на привремена заштита поднеле 6.722 граѓани на Украина, од кои одобрени се 5.833 барања, додека 889 се во постапка“, покажуваат податоците на црногорското Министерство за внатрешни работи. (МИА)