Србија досега има евидентирано 7114 заразени лица со коронавирус, 134 починати и 1025 излечени лица, јави дописникот на МИА од Белград.
Во изминатите 24 часа, тестирани се 3.281 лица, од кои бројот на позитивни на вирусот и понатаму се намалува и тој изнесува 224 лица, со што вкупно во Србија со Ковид 19 заразени се 7.114 лица, изјави на владината прес конференција министерот за здравство Златибор Лончар.
Вкупниот број тестирани лица заклучно со денес во Србија изнесува 48.636 лица, а досега се излечени 1.025 пациенти.
Се намалува и бројот на хоспитализирани во Ковид болниците, каде се сместени 3266 пациенти, од кои со влошена клиничка слика на респиратор се ставени -103 лица.
Во изминативе 24 часа регистрирани се четири нови смртни случаи, тројца мажи и една жена, со што вкупниот број на починати се искачи на 134 лица, со процент на смртноста од 1,88 отсто, изјави Лончар.
Се намалува и вкупниот број на здравствени работници кои се позитивни на вирусот во Србија и тој изнесува 622 лица, од кои 420 се наоѓаат на болничко лечење.
Во геронтолошките центри позитивни на вирусот се 493 лица, како и 111 вработени.
Членот на кризниот штаб и директор на Инфективната клиника во Клиничкиот центар во Белград, д-р Горан Стевановиќ, денешните резултати ги оцени како добри, кои влеваат надеж.
-Ова се добри резултати, благодарејќи пред се на мерките. Имаме се помалку заболени, но не смееме да се залажуваме, бидејќи работата сеуште не е завршена. Уште е потребен временски период за да се одржи ваквата состојба, како и понатамошно спроведување на мерките, изјави Стевановиќ.
Премиерката Ана Брнабиќ изјави денес дека по пандемијата со коронавирусот, фокусот на Србија ќе остане на натамошно зајакнување на здравствениот систем, особено на е-здравството и целокупната дигитализација на здравствениот систем.
Денеска и во наредните денови учениците од завршните одделенија прават онлајн проба на малата матура.
Во Србија која се наоѓа во седмата недела од борбата со коронавирусот, денес е на сила полицискиот час кој трае од 18 до 5 часот, а се најавува дека следниот викенд тој ќе биде скратен и ќе трае од сабота од 13 часот до понеделник во 5 часот.