На посебна седница на српската Влада на која присуствуваше претседателот Александар Вучиќ и првиот спикер на Собранието, Ивица Дачиќ, како што јави дописникот на МИА од Белград, разговарано е за Дијалогот со Косово, справување со епидемијата на новиот коронавирус и за зголемувањето на бруто домашниот производ (БДП).
На пресконференцијата по седницата, Вучиќ истакна дека за овие теми е разговарано со цел позиционирање на Србија во наредниот период.
За Дијалогот со Косово, Вучиќ наведе дека „Србија не може да прифати Приштина да не ги исполни своите обврски од потпишаните договори и дека говорат дека е важно Белград да ја признае независноста на Косово, а потоа тие ќе ја формираат Заедницата на српски општни (СЗО)“.
– Тие се обврзаа да ја создадат ЗСО, не под услов на какво било признавање, туку под услов да се исполнат работите во врска со регионалната полиција, учеството на избори, сè што беше напишано во Бриселскиот договор и тие не можат да измислуваат нови договори што не постојат, посочи Вучиќ.
Тој додаде дека ова го става Белград во тешка ситуација, бидејќи тоа покажува дека Албанците во суштина не сакаат компромисно решение и дека единственото за што зборуваат е така нареченото меѓусебно признавање, односно Србија да го признае независно Косово.
За епидемијата на новиот коронавирус, Вучиќ кажа дека таа создава се повеќе проблеми и болниците стануваат се повеќе пополнети, процентуално се зголемува бројот на новоткриените случаи, посочувајќи дека Белград е се поизразено жариште, каде има се повеќе проблеми со ширењето на вирусот, поради што, како што кажа, брзаме да ја завршиме изградбата на новите болници во Батајница и Крушевац.
– Скоро 2.000 ковид пациенти се во болниците, кажа Вучиќ, кој апелираше до граѓаните да се придржуваат кон мерките со цел да се заштитат постарите граѓани.
Вучиќ ја замоли премиерката Ана Брнабиќ и сите членови на Кризниот штаб, доколку е можно, да не донесат одлука за затворање на економијата, на угостителските објекти, за да не останат без приход.
На посебната седница на владата со Вучиќ, разговарано е и за економијата, растот на БДП и на индустриското производство, за завршување на гасоводот, како и за грижа на инфраструктурните проекти. (МИА)