среда, 13. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Забрана за литии во Грција до крајот на август, вонредни мерки во Лариса

Забрана за литии во Грција до крајот на август, вонредни мерки во Лариса

До крајот на август, во Грција е забрането одржување литии и било какви други верски манифестации со поворки надвор од црквите, согласно новата министерска одлука објавена во Службен весник, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката е веќе во сила, важи до 31 август, а за физичките лица што ќе ја прекршат, предвидена е и казна од 150 евра.

Од Светиот синод на Грчката православна црква, во петокот соопштија дека литиите ќе се одржат со голема претпазливост без гужви меѓу верниците и доколку е можно, ќе траат кратко.

Поради зголемиот број позитивни случаи на Ковид-19 во општина Абелона во градот Лариса од рано утрово се воведени дополнителни рестриктивни мерки, идентични на оние на островот Порос.

Односно, за да се спречи дополнително ширење на коронавирусот одлучено е угостителските објекти, кафулињата и слично да работат од седум до 23 часот, на маса да седат најмногу четири лица, да се откажат сите настани како што се забави со жива музика, црковни настани, пазари и слично, се забрануваат јавни и приватни собири на над девет лица, а маската е задолжителна и надвор и во затворените објекти.

Во Грција од ден на ден се зголемува бројот на заразени лица, само во текот на викендот беа регистрирани вкупно 353 нови случаи на Ковид-19, починаа две лица, а се зголеми и бројот на хоспитализирани пациенти приклучени на апарати.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис претпладнево ќе го одржи редовниот состанок за Ковид-19 со надлежните епидемиолози и министри, состанок што се одржува три пати седмично.