Американскиот претседател Џо Бајден, по телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изрази разбирање за реакцијата на Израел по ракетните напади од Хамас.
-Моите очекувања и надежи се ова наскоро да заврши. Израел има право да се брани кога на негова територија стигнуваат илјадници ракети, изјави Бајден по извршениот телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Владата на Бајден изрази претходно загриженост и ги повика двете страни во конфликтот на итна деескалација. Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен му дал налог на својот специјален претставник Хади Амр да отпатува во регионот на средба со претставници на двете конфликтни страни. Амр во име на Бајден ќе инсистира на итна деескалација на ситуацијата.