Израелската полиција се судри со демонстрантите за време на големите протести против контроверзните планови за реформи во судството. Полицијата употреби водени топови за да ги отстрани демонстрантите од главниот автопат. Според Би-Би-Си, најмалку 66 лица се уапсени во демонстрациите низ земјата.
Протестите почнаа рано утринава, кога демонстрантите се обидоа да го попречат сообраќајот во Ерусалим со веење знамиња, удирање тапани, палење факели и извикување пароли.
Во северната провинција Херцлија, демонстрантите запалија гуми на сред раскрсница, а група воени ветерани одржаа протести внатре во терминалот на меѓународниот аеродром Бен Гурион.
Внатре во зградата на Парламентот во Ерусалим, непосредно пред пратениците да гласаат за контроверзниот закон, демонстрантите се обидоа да се залепат за подот до влезот на салата пред да бидат одвлечени од стражарите.
Намерата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го реформира правосудниот систем, со што се ограничува овластувањето на Врховниот суд да ги поништи одлуките донесени од Владата, министрите и Парламентот доколку ги смета за „неразумни“, доведе до масовни протести во Израел од јануари годинава.