Директорот на германската фирма БиоНТек, Угур Сахин, изрази убедување дека вакцината што фармацевтската компанија ја разви со американски Фајзер ќе биде ефикасна и против новата варијанта на коронавирусот што се појави во Велика Британија.
Сахин рече дека БиоНТек ќе ја испита мутацијата на вирусот во наредните денови, но дека „трезвено ја набљудува ситуацијата“.
Земјите ширум светот продолжија да ги затвораат границите со Велика Британија поради страв од новата варијанта на коронавирусот, кој се шири до 70 отсто побрзо од досегашниот.
Откажувањето на летовите доведе до хаос во сообраќајот и ја зголеми можноста за недостиг на храна во Велика Британија.
Изјавата на Сахин е во согласност со ставот на Светската здравствена организација дека нема причина за голема загриженост и дека новата варијанта на вирусот е вообичаен дел од еволуцијата на пандемијата.
Непосредно пред изјавата на Сахин, Европската унија даде одобрение за употреба на вакцината на Фајзер и Бионтек, чија дистрибуција ќе започне по католички Божик.