четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ЕМА в четврток ќе се произнесе за „АстраЗенека“, засега препорачува да продолжи вакцинацијата

ЕМА в четврток ќе се произнесе за „АстраЗенека“, засега препорачува да продолжи вакцинацијата

Европската агенција за лекови, ЕМА, попладнево одржи прес конференција за да ги информира медиумите за процесот на проценка на вакцината на „АстраЗенека“. Конечен заклучок ќе донесе во четврток, јави дописничката на МИА од Брисел.

Имер Кук, извршната директорка на ЕМА, изјави дека за сега се препорачува да се продолжи со вакцинација со „АстраЗенека“ и покрај тоа што сѐ повеќе земји во ЕУ го суспендираа процесот додека не се разјасни точно дали вакцината е опасна по здравјето на луѓето.

Неколку земји на ЕУ пријавија случаи на тромбоза по вакцинирање со „АстраЗенека“, оттогаш во повеќе земји е суспендиран процесот сѐ додека ЕМА не даде конечен научен заклучок.

Кук изјави дека ова бара ригорозна анализа од страна на експертите во агенцијата за да може да се одреди дали случаите на тромбоза се предизвикани од вакцината или станува збор за коинциденции.

Според Кук, засега бројките не покажуваат поголем број на тромбоза кај вакцинираните лица отколку во целокупното население, но ситуацијата е доволна алармантна за да се свикаат експертски состаноци.

-Интересот беше стимулиран од дополнителните пријави и ги проценуваме случај по случај, експертите повторно денеска се состануваат, и во четврток свикавме ад хок состанок за да ги процениме пријавите што стигаат од земјите членки, изјави директорката на ЕМА.

Сепак ЕМА за сега останува на ставот дека бенефитите се поголеми од ризиците и глобалната криза предизвикана од Ковид-19 и дека вакцината помага да се заштити населението, посебно најранливите групи.

-Не сакам да шпекулирам за финалниот заклучок, приоритет е да се обезбеди вакцинацијата да продолжи на безбеден начин, рече Кук, но додаде дека не е исклучено конечниот заклучок да препорача посебни предупредувања за вакцината.

Сѐ ќе зависи од исходот на експертскиот состанок, сите опции се на маса, рече таа, и нагласи дека во секој случај препораките ќе бидат засновани на научно мислење. Таа отфрли секаква политизација на ова прашање.

Агенцијата за лекови е свесна дека е поткопана во голем дел и довербата на граѓаните во оваа вакцина, и ќе го има и тоа предвид. Приоритет за ЕМА е безбедноста на вакцината и довербата на граѓаните.