Професорот сер Ендрју Полард, директор на оксфордската група која ја разви вакцината „Астра Зенека“, исто така ги отфрли тврдењата и предупреди на опасност од ширење дезинформации
Фармацевтскиот гигант „Фајзер“ е обвинет дека плаќал експерти за да се дискредитира вакцината против коронавирус која ја произведува ривалската компанија „Астра Зенека“.
Ова го објави британскиот „Канал 4“ во еден прилог.
Според овие обвиненија, „Фајзер“, наводно, финансирал презентација во која говорниците тврделе дека вакцината на „Астра Зенека“ може да предизвика рак, како и дека не е безбедна за имунолошки загрозените пациенти.
Ова наводно се случило на едукациски семинар во Канада минатата година, но не е познато колку вакви презентации имало и дали се работи за изолиран случај.
„Фајзер“ ги отфрли сите овие обвиненија тврдејќи дека презентацијата била организирана од трета страна, а не од „Фајзер“.
Уште еден интересен податок од истрагата е тоа што трошоците за производството на неколку дози од вакцината на „Фајзер“ наводно чинеле само 76 пени по инјекција.
Земајќи предвид дека „Фајзер“ наплаќа 25 евра по доза, ова претставува плус од 3 000 отсто во однос на производната цена.
„Фајзер“ оцени дека проценките се „апсолутно неточни“, како и дека не се земени предвид клиничките истражувања, производството на масовно ниво, како ниту глобалната дистрибуција.
Професорот сер Ендрју Полард, директор на оксфордската група која ја разви вакцината „Астра Зенека“, исто така ги отфрли тврдењата и предупреди на опасност од ширење дезинформации за вакцината.
„Постои огромен ризик од дезинформации, бидејќи сè што ги тера луѓето да се сомневаат во вакцинацијата може да претставува ризик по нивните животи“, вели Полард.
„Дејли мејл“, пак, пишува дека ваквите информации во јавноста можат директно да влијаат врз одлуките што луѓето ги носат за сопственото здравје, но и да се создаде недоверба во креаторите на политиките.