среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

„Фајзер“: За заштита од омикрон можеби ќе биде потребна и четврта доза

„Фајзер“: За заштита од омикрон можеби ќе биде потребна и четврта доза

Во САД досега се регистрирани 40 случаи на сојот омикрон, а повеќето од заболените се со поблаги симптоми

Фармацевтската компанија „Фајзер/Бионтек“ соопшти дека две дози од оваа вакцина не претставуваат силна заштита од новата варијанта на ковид-19, омикрон, па затоа се препорачува и засилувачка доза, а првите луѓе на „Фајзер“ соопштија дека можеби ќе биде потребна и четврта доза за заштита од овој сој.

Засилувачката доза би помогнала да се исконтролира сојот, иако и две дози даваат некаква заштита од сериозен тек на заболување од омикрон, покажале лабораториските тестови, пренесува „Вашингтон пост“.

Меѓутоа, Алберт Бурла, извршниот директор на „Фајзер“, за американските медиуми изјавил дека четвртата доза би можела да биде потребна 12 месеци по третата, а можеби и порано.

„Верувам дека третата доза ќе даде добра заштита, но мислам дека ќе ни биде потребна и четврта доза за заштита од омикрон. Со овој сој ништо не се знае, мораме да почекаме и да видиме што ќе се случува, бидејќи имаме многу малку информации. Можеби четвртата доза ќе треба да се прими и за помалку од 12 месеци по третата“, изјавил Бурла за Си-ен-би-си.

Во САД досега се регистрирани 40 случаи на сојот омикрон, а повеќето од заболените се со поблаги симптоми.

Омикрон по појавата во Јужна Африка започна забрзано да се шири и во европските земји, но и натаму претставува мистерија за научниците, бидејќи нема доволно информации за него.