Животот во САД може да се врати во нормала следното лето или на почетокот на есента, под услов сите да добијат вакцина за коронавирус, изјави водечкиот американски имунолог Ентони Фаучи.
-Се ќе зависи од тоа колку луѓето ќе сакаат да се вакцинираат, изјави Фаучи за Си-Ен-Ен.
Тој додаде дека „доколку САД имаат јасна програма за вакцинација, во која сите брзо ќе бидат вакцинирани, тогаш животот може да се врати во некоја форма на нормалност во текот на летото, а сиурно до есен“.
Советодавното тело на Администрацијата за храна и лекови (ФДА) даде препорака да се одобри употребата на вакцината на „Фајзер“ во САД за итни потреби, а ФДА се очекува во следните неколку дена и официјално да ја одобри вакцината.
-Моја желба, но и проекција, е доколку вакцинираме голем процент луѓе до есента, дека ќе бидеме навистина смирени во врска со прашањето за одењето на децата на училиште. Ова е нешто што се надевам и верувам дека ќе се случи, но повторувам, само доколку сите се вакцинираат, додаде Фаучи.