Вработените во „Ситигруп“ (Citigroup) во САД кои нема да бидат вакцинирани против Ковид-19 до 14 јануари ќе бидат ставени на неплатено отсуство и отпуштени на крајот од месецот, освен ако не добијат медицинско изземање, објави Си-ен-ен.
Станува збор за американска банка која во октомври го објави својот план да наметне нови правила за вакцинација и сега станува првата голема институција на Волстрит што ја следи политиката за наметната вакцинација.
Овој потег доаѓа во време кога финансиската индустрија се бори со тоа како безбедно да ги врати работниците во канцелариите и да се врати нормалниот начин на работа, со оглед на тоа што новата варијанта на омикрон незапирливо се шири.
Други големи банки од Волстрит, вклучително и Голдман Сакс (GS), Морган Стенли (MS) и Џеј-Пи Морган Чејс (JPM), побарале од некои невакцинирани вработени да работат од дома, но ниту една сè уште не отишла толку далеку што ќе започне со отпуштања.
Додека „Ситигруп“ е првата банка на Волстрит што наложува задолжителна вакцинација, неколку други големи американски компании воведоа правила „без вакцинa, без работa“ (No jab, no job), вклучувајќи ги „Гугл“ и „Јунајтед Ерлајнс“, со различен степен на строгост.
Повеќе од 90 отсто од вработените во „Ситигруп“ ги исполниле своите обврски досега, а тој број рапидно расте, вели извор запознат со ситуацијата.
„Ситигруп“ најави дека ќе ги оценува исклучоците по верски, медицински или други основи одделно, случај по случај.