Повеќе од четири милиони Израелци ја примиле третата засилувачка доза вакцина против Ковид-19, што се смета за пресвртница во напорите на Израел „бустер“ дозата да ја прими најголемиот дел од популацијата што може да се имунизира.
Министерството за здравство на Израел денеска соопшти дека 4.001.031 од речиси 9,5 милиони жители добиле засилувачка доза, а 5,7 милиони Израелци примиле две дози.
Во август, Израел беше првата држава во светот што започна со вакцинација со третата доза во обид да го спречи ширењето на Делта варијантата на коронавирус, кога беше откриено дека заштитата што ја нудат првите две дози исчезнува по пет месеци.
Во октомври беа објавени резултатите од големото истражување кое покажа дека третата доза била 92 отсто ефикасна во спречување сериозно заболување во споредба со оние кои примиле само две дози од вакцината „Фајзер/Бионтек“.
Во Израел сега се размислува за одобрување на вакцината за деца од пет до 11 години, а во случај да биде одобрена, родителите ќе одлучат за вакцинација и таа нема да биде задолжителна. Во таа земја, околу 650.000 луѓе кои можат да ја примат вакцината сè уште не се имунизирани со ниту една доза, а 1,1 милион кои можат да примат засилена доза допрва треба да ја примат. Се верува дека засилената доза во голема мера му помогнала на Израел да го надмине четвртиот бран на инфекција со коронавирусот, јавуваат израелските медиуми.
Во понеделник се регистрирани 563 нови случаи на зараза, а пред речиси два месеца имало по 5.000 и 6.000 дневно. Од почетокот на пандемијата починале 8.130 Израелци. (МИА)