Извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла, денеска објави дека е позитивен на Ковид-19 и дека има многу благи симптоми, пренесува Ројтерс.
Бурла (60) рече дека започнал со терапија со користење на антиковидовиот лек на компанијата Пакловид и дека во согласност со јавно-здравствените мерки на претпазливост е во изолација.
– Уверен сум дека брзо ќе закрепнам – рече Бурла во соопштението.
Бурла прими четири дози од вакцината против Ковид развиена од Фајзер и нејзиниот германски партнер.
Неколку американски јавни личности беа позитивни на коронавирусот во изминатите неколку месеци, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден и неговиот главен медицински советник, д-р Ентони Фаучи, потсетува Ројтерс.
Бајден помина повеќе од две недели во изолација во Белата куќа откако во два наврати беше позитивен на тестот за Ковид-19.
Пакловид е лек за коронавирус кој се користи за лекување на луѓе со висок ризик, како што се постари пациенти.