петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Кипар: Се затвораат моловите, угостителските објекти, црквите, универзитетите и дел од средните училишта

Кипар: Се затвораат моловите, угостителските објекти, црквите, универзитетите и дел од средните училишта

Поради влошената епидемиолошка слика, кипарската Влада, наместо олабавување на постоечки, одлучи да воведе построги мерки и да ги затвори моловите, угостителските објекти, црквите, дел од средните училишта и универзитетите, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за здравство на Кипар Константинос Јоану, соопштувајќи ги новите рестрикции, рече во изминатите денови „влошени се епидемиолошките индикатори и се најлоши од почетокот на пандемијата“.

– Новите случаи се зголемуваат, а на многу наши сограѓани им е потребно лекување. За жал, некои од нив ја загубија битката за живот. Постои стабилизација во однос на хоспитализираните пациенти, но не можеме да бидеме смирени. Загрижени сме за континуираното зголемување на „позитивноста“ што се регистрира со брзите антигени тестови низ Кипар. Резултатите покажуваат дека вирусот е насекаде, во сите градови, села, области, рече Јоану и додаде дека намерата е да се запре „дополнителното ширење на вирусот пред да биде доцна“ и затоа е донесена одлуката за прекин на работата на објектите на затворено, истакна Јоану.

Од петок до 31 декември 2020 година, ќе бидат затворени сите молови, кафулиња, барови, таверни, ресторани, пабови итн.

Литургиите во црквите ќе бидат зад затворени врати, без присуство на верници, додека пак на венчавките, крштенките и погребите дозволени се најмногу десет лица.

Од понеделник, за дел од приватните и државните средни училишта (за ученици од 15 до 18 години) и за Универзитетите се воведува онлајн настава и предавања, а градинките, основните и остатокот од средните училишта ќе работата нормално со физичко присуство на учениците.

Дополнително, продолжуваат да важат и мерките воведени пред 12 дена, меѓу кои и полицискиот час од 21 до пет часот наутро.

Јоану на денешната прес-конференција објасни дека на 27 ноември 2020 година, при соопштувањето на мерките беше оставена отворена можност за олабавување на одредени рестрикции во пресрет на божиќните и новогодишните празници, но под услов да се подобри епидемиолошката слика.

– Исто така предупредивме и за веројатноста да се вратат построги мерки, ако има влошување на податоците. Податоците што ги имаме пред нас, не ни оставаат многу опции, објасни министерот за здравство на Кипар.

Тој рече дека земјата се подготвува за програмата за вакцинација на населението, а набргу ќе биде соопштен и процесот и повтори дека за сите граѓани кои ќе сакаат да се вакцинираат, вакцината ќе биде бесплатна.

На Кипар вчера беа соопштени 419 нови случаи од 4.208 ПЦР тестови, што е рекорден број новозаразени на дневно ниво, а починаа пет лица.

Од 6.702 брзи тестови, позитивни биле резултатите на 218, меѓутоа не се вклучени во дневната статистика, бидејќи праксата на Кипар е резултатот од рапид тестовите, да се провери со ПЦР тест.

Во кипарските болници, хоспитализирани се 115 лица, од кои 21 се во сериозна состојба.

Од почетокот на епидемијата, регистрирани се 68 смртни случаи и 13.286 заболени.