Американскиот експерт за инфективни болести и член на работната група за Ковид-19 на претседателот на САД, Доналд Трамп, д-р Ентони Фаучи изјави дека не постои научна основа дека новиот коронавирус е создаден во кинеска лабораторија или оти „побегнал“ од лабораторија откако бил земен од дивина.
– Ако се погледне еволуцијата на вирусот кај лилјаците и што сега се случува, научните докази укажуваат дека не станува збор за вештачка или намерна манипулација. Се за постепената еволуција апсолутно укажува дека овој вирус се развил во природата, а потоа преминал од еден на друг вид, посочи Фаучи.
Трамп и американскиот државен секретар минатата недела изјавија дека новиот коронавирус е создаден во лабораторија во Вухан.
Директорот на Светска здравствена организација за вонредни ситуации Мајкл Рајан вчера изјави дека СЗО не добила никакви докази или информации со кои би се поткрепиле тврдењата дека Ковид-19 е создаден во лабораторија.
– Од наша перспектива, ова и понатаму е шпекулација, посочи Рајан.
Тој повтори дека доказите кои ги има СЗО укажуваат на природното потекло на Ковид-19.