Осомничениот за вооружен напад за време на парадата на Денот на независноста на 4 јули во близина на Чикаго испукал „повеќе од 70 куршуми“, изјави денеска претставник на локалната полиција, пренесува Си-Ен-Ен.
Осомничениот, идентификуван како Роберт Е. Кримо III, легално ја купил пушката од која беше пукано на вчерашната парада во северното предградие на Чикаго.
Полицијата соопшти дека тој поседувал друга пушка, која била пронајдена кога полицијата го запрела во возилото. Во неговата куќа биле пронајдени неколку оружја.
Претставник на полицијата изјави дека „според сите индиции“ Кримо сам го извршил нападот.
Тој додаде дека полицијата верува дека Кримо го планирал нападот неколку недели однапред.
Полицијата се уште не го утврдила мотивот за нападот.