Од петок, сите англиски граѓани ќе имаат можност да направат брз тест за коронавирусот двапати неделно, како дел од продолжувањето на програмата за тестирање спроведена од британската влада.
Тестовите, кои даваат резултат за околу половина час, ќе бидат бесплатни, пренесува Би-Би-Си. Тие веќе им се нудат на учениците во училиштата и на нивните семејства, како и на вработените кои треба да одат на работа.
Министерот за здравство тврди дека тестовите ќе помогнат да се спречи појава на нови жаришта, во време кога мерките за заклучување се олабавуваат. Сепак, критичарите на оваа програма сметаат дека постои ризик да се претвори во „скандалозно“ трошење пари.
Предвидено е британскиот премиер Борис Џонсон да се состане со членовите на владата за да ја потпише следната фаза на олеснување на мерките за заклучување во Англија, што вклучува повторно отворање на сите продавници кои не продаваат производи потребни за граѓаните, како и дозволување на пабови и ресторани да работат на отворено од 12 април.