– И покрај растот на бројот заболени од Ковид -19 во САД се уште има многу граѓани кои се двоумат дали да се вакцинираат.
Според најновото истражување, спроведено од Американското биро за попис, 25,9 милиони Американци или 10,4 проценти од возрасните граѓани, наведуваат дека дефинитивно или речиси сигурно нема да се согласат на вакцинација, соопшти денеска „USA Today“.
Околу 16,3 милиони Американци (6,5 проценти од возрасната популација) не веруваат во вакцините, а седум милиони (2,8 проценти) не мислат дека Ковид-19 е голема закана за нивното здравје.
Уште 13,8 милиони Американци или 5,5 проценти од возрасните граѓани не се вакцинирани затоа што велат дека немаат доверба во владата.
Досега, 169.592.873 Американци или 51,1 проценти од населението се целосно имунизирани, без разлика дали станува збор за две дози на mRNA вакцина (Фајзер или Модерна) или една доза (Џонсон & Џонсон), покажуваат податоците на американскиот Центар за контрола на болести и превенција. (МИА)