Јужноафрикански научници открија нова варијанта на коронавирус со повеќе мутации, но треба да се утврди дали е повеќе заразна или отпорна на имунитет стекнат со вакцинација или со претходна зараза.
Новата варијанта, позната како Ц.1.2, е откриена во мај и досега се прошири во повеќето провинции во Јужна Африка и уште седум земји во Африка, Европа, Азија и Океанија, се наведува во истражувањето.
Се додава дека содржи голем број мутации поврзани со другите варијанти, со зголемена трансмисија и намалена чувствителност на неутрализирачки антитела, но тие се јавуваат во различни комбинации и научниците се уште не се сигурни како влијаат врз однесувањето на вирусот.
Лабораториските тестови се изведуваат за да се утврди степенот до кој антителата можат да ја неутрализираат варијантата.
Јужна Африка беше првата земја што ја откри бета варијантата, една од четирите „грижи“ според Светската здравствена организација (СЗО).
Се верува дека бета се шири полесно од оригиналната верзија на коронавирусот што предизвикува Ковид-19 и има докази дека вакцините против неа се помалку ефикасни, така што некои земји ги ограничија патувањата од и кон Јужна Африка.
Ричард Леселс, специјалист за заразни болести и еден од авторите на истражувањето, рече дека појавата на Ц.1.2. „кажува дека пандемијата се уште не е завршена и дека вирусот се уште бара начини потенцијално да стане позаразен“.
Леселс додаде дека луѓето не треба да бидат премногу вознемирени во оваа фаза и дека варијантите со повеќе мутации ќе продолжат да се појавуваат во пандемијата. (МИА)