Претседателот на Таџикистан, Емомали Рахмон, денеска изјави дека во оваа мала и сиромашна земја во Централна Азија заврши епидемијата на коронавирусот .
Според официјалните податоци, поранешната советска република од почетокот на годината имала само десетина нови случаи на коронавирус и нема нови смртни случаи од Ковид-19.
Официјалните податоци, што се исти повеќе од две недели, покажуваат дека од април минатата година, регистрирани се 13.308 лица заразени со коронавирус, 90 умреле, додека 13.218 лица заздравеле од болеста.
Во моментов во Таџикистан, држава со 9,5 милиони жители, нема активни случаи на коронавирус.
-Можеме со сигурност да кажеме дека во Таџикистан веќе нема коронавирус, рече претседателот Рахмон (68) во парламентот, но предупреди да „нема олабавување“ и дека мора да се почитуваат правилата за лична и јавна хигиена.
Претседателот, исто така, кажа дека на сите што ќе дојдат во Таџикистан ќе им биде одреден 14-дневен домашен карантин под надзор на матичните лекари. Многу сиромашниот Таџикистан има голема дијаспора во Русија и Казахстан.
По девет месеци властите планираат од следната недела да ги отворат и џамиите.
Таџикистанската Влада ги објави првите случаи на Ковид-19 на 30 април 2020 година, непосредно пред пристигнувањето на инспекцијата на Светската здравствена организација (СЗО), додека земјата тврдеше дека е поштедена од епидемијата што одеднаш се прошири низ целиот свет. (МИА)