Папата Франциск денеска ќе ја посети Малта, најмалата земја на ЕУ, што е негово 36. патување во странство.
Во фокусот на неговата посета на католичката земја, меѓу другото, ќе биде и состојбата со мигрантите и бегалците сместени во добротворни установи, кои планира да ги посети за време на дводневниот престој.
Неговата посета доаѓа во тензичен геополитички момент со илјадници мигранти кои го преминуваат Медитеранот и милиони воени бегалци од Украина.
Папата требаше да отпатува за Малта во мај 2020 година, но патувањето беше одложено поради пандемијата на коронавирус.
За време на своето патување, папата Франциск планира да го посети и малтешкиот остров Гозо каде се наоѓа националното светилиште и познатата пештера Свети Павле.
Предвидена е и миса со илјадници верници во близина на главниот град Валета.