петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Папата Франциск во Бахреин повика да не се прекрушуваат човековите права на шиитите

Папата Франциск во Бахреин повика да не се прекрушуваат човековите права на шиитите

Папата Франциск, кој денеска допатува во посета на Бахреин, повика да не се прекршуваат човековите права, пренесоа француските медиуми.

Оценката светиот Отец ја даде во врска со тврдењата на невладините организации дека во Бахреин следбениците на шиитскиот ислам се подложени на различни видови на дискриминација.

-Почитта, толеранцијата и верската слобода, кои се прокламирани во уставот на Бахреин, мора да продолжат да постојат и во пракса, за да биде јасно дека нема да има дискриминација, дека нема да бидат прекршени основните човекови права и дека нивното почитување ќе биде охрабрено, истакна папата во говорот во палатата „Ас Сахир“ во Ајали, на кој присуствуваа претставници на властите, граѓанското општество и дипломатскиот кор.

Британските медиуми пренесуваат дека папата во Бахреин се изјасни против смртната казна.

На истиот настан говор одржа и кралот Хамад бин Иса Ал Калифа од Бахреин.

-Бахреин ја штити слободата на сите религии и правото на верниците да ги извршуваат своите ритуали на места определени за богослужба, рече кралот.

„Бахреин е против дискриминација на верска основа“, категоричен беше монархот.

Од Арапската пролет, Бахреин редовно е обвинуван од невладините организации и меѓународните институции за остра репресија врз политичките неистомисленици, особено оние од шиитската заедница.

Членовите на владејачката династија во Бахреин се припадници на сунитската заедница. (МИА)