Папата Франциск денеска во Марсеј изјави дека Европа не се соочува со вонредна состојба поради приливот на мигранти и го повика францускиот претседател Емануел Макрон и другите европски лидери да ги отворат пристаништата за луѓето што бегаат од тешкотии и сиромаштија.
Тој рече дека миграцијата не е вонредна состојба во Европа, туку долгорочно прашање и реалност со која државите мора да се справат на хуман начин.
– Да дозволиме да бидеме трогнати од приказните на нашите несреќни браќа и сестри кои имаат право и да емигрираат и да не емигрираат. Соочени со страшното зло на експлоатација на човечки суштества, решението не е во одбивање, туку да се обезбеди, според можностите, доволен број легални влезови, им рече Франциск на Макрон и на другите учесници на состанокот на медитеранските бискупи во Марсеј.
Десничарската влада на Италија, под притисок од приливот на мигранти од Африка, претходно се закани со порестриктивни мерки и блокада на поморските патишта во Средоземното Море.
Француската влада ги засили патролите на својата јужна граница за да ги спречи мигрантите да преминат од Италија. Центристичката влада на Макрон зазеде построг став за миграцијата и безбедноста откако се соочи со критики од француските конзервативци и екстремната десница.
Со изборите за Европскиот парламент закажани за следната година, Макрон се залага ЕУ да ги зајакне своите надворешни граници и да биде поефикасна во депортирањето на лицата на кои им е забранет влез.
Макрон и Франциск денеска имаа и тет-а-тет средба.
Ватикан нагласи дека Франциск не е во официјална посета на Франција, туку во посета на Марсеј, бидејќи не сака да оди во официјални посети на силните католички земји пред да ги посети помалите земји и областите каде што луѓето живеат потешко.
И покрај тоа што пред извесно време на Лампедуза пристигнаа 7.000 мигранти за само еден ден, повеќе отколку што има жители на италијанскиот остров, Франциск рече дека оценките за вонредната состојба се само „алармистичка пропаганда“ и поттикнуваат страв кај луѓето. (МИА)