Папата Франциск го осуди „масакрот во Буча“ и го бакна украинското знаме за кое рече дека му било испратено од градот, за време на неговата неделна аудиенција во аудиториумот во Ватикан, јави Би-Би-Си.
– Неодамнешните вести од војната во Украина, наместо да донесат олеснување и надеж, донесоа нови злосторства, како што е масакрот во Буча. Суровост која е сè пострашна, дури и против цивили, беспомошни жени и деца, истакна папата.
Откако го покажа украинското знаме кое му било донесено од Буча, папата повика неколку деца бегалци од Украина да дојдат кај него.
– Овие деца мораа да побегнат за да стигнат во безбедна земја. Ова е плод на војната. Да не ги заборавиме и да не заборавиме на украинскиот народ, рече тој, пред да му даде на секое дете по едно чоколадно велигденско јајце.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера пред Советот за безбедност на ОН ја обвини руската војска за извршување на најголемите злосторства од Втората светска војна. Кремљ тврди дека нема докази дека руските војници ги извршиле злосторствата за кои се обвинети. (МИА)