петок, 8. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Протести во Полска поради строгите мерки за коронавирус

Протести во Полска поради строгите мерки за коронавирус

Десетици илјади луѓе синоќа се собраа на улиците во Полска да протестираат против строгите мерки наметнати поради пандемијата на коронавирусот.

Протестите се случија еден ден по демонстрациите околу одлуката на Уставниот суд за речиси целосна забрана за абортус.

Во Полска стапија на сила нови ограничувања за борба против пандемијата, вклучително и затворање ресторани и кафулиња за две недели, откако вчера беа потврдени повеќе од 13.600 нови случаи на Ковид-19, најмногу во денот од почетокот на пандемијата.

Демонстрантите се собраа пред куќата на Јарослав Качински, претседател на владејачката партија Право и правда.

Втора ноќ по ред, кордон полиција стоеше пред куќата на Качински, блокирајќи го минувањето на демонстрантите, од кои беше побарано да се растераат и да се придржуваат до ограничувањата воведени за јавни собири.

Полските медиуми проценуваат дека на протестите во Варшава имало околу 15.000 демонстранти, и покрај мерките за забрана на јавни собири на повеќе од десет лица, а оваа бројка од денеска ќе се намали на пет.

Демонстранти се собраа и во Познан, Вроцлав и Краков, а протести се најавени и за понеделник.

Вчерашните демонстрации во Варшава беа главно мирни, за разлика од оние што се одржаа во четвртокот, кога некои демонстранти фрлаа камења, а полицијата употреби бибер спреј. (MИА)