Првиот состанок на Паневропската комисија за здравство и одржлив развој, свикана како одговор на кризата со Ковид-19, ќе се одржи денеска за да го означи почетокот на својата работа, соопшти Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.
Регионалната канцеларија на СЗО за Европа ја свика оваа комисија за да ги преиспита политичките приоритети за време на пандемијата на коронавирусот.
Како што се наведува во соопштението, станува збор за високо позиционирано независно тело, формирано за да ги прегледа доказите и да се извлечат пораки на регионално ниво од тековната пандемија, како и да се донесат политички препораки во врска со здравствената и социјалната заштита.
По идентификувањето и разгледувањето на релевантните докази, Паневропската комисија за здравство и одржлив развој ќе даде препораки за тоа како да се реформираат политиките за предвидување, спречување и одговор на слични глобални или регионални закани во иднина.
На онлајн брифингот на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, новинарите утре ќе бидат информирани за состанокот на регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, претседателот на комисијата Марио Монти и научниот координатор на комисијата Елиас Мосаилос.