петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Рама ја повика Србија да соработува во дијалогот со Косово

Рама ја повика Србија да соработува во дијалогот со Косово

Албанскиот премиер Еди Рама ја повика Србија да соработува во дијалогот со Косово, додека разговорите во Брисел сè уште траат, јави Топ чанел.

Оваа реакција, според телевизијата, доаѓа откако вчера Косово, на средбата со европските лидери, го прифати бриселскиот Основен договор од 27 февруари 2023 година и Охридскиот анекс за имплементација од 18 март 2023 година.

Рама смета дека ова е многу важен чекор во дијалогот меѓу двете земји, притоа нагласувајќи дека сега е време и Србија да го стори истото.

-Мудроста на албанскиот народ, а не само тоа, е поука дека „подобро доцна отколку никогаш“. Не можам да го скријам задоволството што на вчерашната средба во Брисел конечно косовското раководство постапи правилно! Разумно прифаќајќи го предлогот на ЕУ на 21 октомври, Косово денес е во многу подобра позиција. Ова е многу важен чекор напред. Време е и Србија да го стори истото. Се што е досега прифатено и договорено мора да се спроведе без одлагање. Ги повикувам нашите западни партнери да го задржат овој моментум и да ги поттикнат страните кон конечно решение, пишува Рама во објава на социјалните мрежи.

Тој и со порака дека „ни е потребен мир, стабилност и соработка“.

-Доста е со истиот стар опасен муабет. Доста е со избегнување мир и хранење на духовите од минатото за ситни интереси на домашната политика. Погледнете недалеку одовде што се случува со оние кои избегнуваат мир и се впуштаат во игри на сè или ништо. Ни треба мир, стабилност и соработка во овој дел од Европа. Помирете се заради Бога и гледајте напред, порачува Рама.

Вчера, тој го пофали косовскиот премиер Албин Курти за прифаќањето на предлогот за деблокирање на Заедницата со српски општини.  (МИА)