среда, 27. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

САД: Бајден одобри воена помош за Тајван

САД: Бајден одобри воена помош за Тајван

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден одобри воен трансфер во Тајван во рамките на Програмата за финансирање на странски вооружени сили (ФМФ), се вели во меморандум испратен до Конгресот.

Со дописот се информира Конгресот за намерата на Стејт департментот да одвои до 80 милиони американски долари средства од ФМФ за поддршка на Тајван.

Министерството за одбрана на Тајван изрази благодарност, истакнувајќи дека САД веќе помогнале во зајакнувањето на борбените способности на островот според постоечките политики и закони.

Републиканскиот пратеник Мајкл Мекол, претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, рече дека му е драго што администрацијата „конечно“ обезбедува средства од ФМФ на Тајван.

„Ова оружје не само што ќе му помогне на Тајван и ќе ги заштити другите демократии во регионот, туку и ќе ја зајакне американската позиција на одвраќање и ќе ја обезбеди нашата национална безбедност од сè поагресивната кинеска комунистичка партија“, рече тој.

Кина повеќе пати се пожали на САД поради воена помош за Тајван, а нејзиното Министерство за одбрана порача дека американската војска мора да престане со сите форми на „воен дослух“ со Тајван.

САД, главниот снабдувач со оружје на Тајван, минатиот месец најави пакет помош во оружје во вредност до 345 милиони долари.  (МИА)