Соединетите Американски Држави го осудија потегот на Министерството за образование на талибанските власти на Авганистан, кое вчера им забрани пристап на жените до универзитетите на неодреден период.
– САД се во контакт со сојузниците во врска со одлуката од вторникот на талибанското Министерство за образование да го забрани пристапот на студентките до понатамошно известување. САД ја осудуваат необјаснивата одлука на талибанците да ги спречат авганистанските жени да добијат универзитетско образование, соопшти портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон.
Талибанските власти вчера им забранија на неодредено време на жените да студираат на универзитетите во Авганистан, соопшти Министерството за високо образование во писмо упатено до сите јавни и приватни високообразовни установи во земјата.
– Со ова сите сте информирани да ја спроведете спомнатата наредба за прекин на образованието за жените до нова одредба, се вели во писмото што го објави министерот за високо образование Неда Мохамад Надеем.
Портпаролот на Министерството, Зиаулах Хашими исто така ја потврди таа вест.
До забраната за високо образование дојде по помалку од три месеци откако илјадници девојки и жени полагаа приемни испити на универзитетите низ целата земја.
Оваа рестриктивна мерка на талибанците во областа на образованието на жените е најнова во серијата ограничувања воспоставени против жените и најверојатно ќе предизвика загриженост кај меѓународната заедница, јавија западни медиуми.
Девојките веќе биле лишени од пристап во средните училишта.
Кога се вратија на власт во август 2021 година, Талибанците ветија дека ќе биде пофлексибилни, но во голема мера се вратија на ултраригорозната интерпретација на исламот што го одбележа нивниот прв период на власт (1996-2001).