САД се приклучија на Европската унија и на Обединетото Кралство и воведоа ограничувања на патувањата од Јужна Африка поради стравувањата од новата варијанта на коронавирусот.
Претседателот Џо Бајден објави дека САД од понеделник на 29 ноември ќе го ограничат пристигнувањето на патници од осум африкански земји: Јужна Африка, Боцвана, Зимбабве, Намибија, Лесото, Есватини, Мозамбик и Малави.
Неименуван претставник на администрацијата претходно рече дека ограничувањата се воведени „со претпазливост, поради нова варијанта во Јужна Африка“ и дека нема да се однесуваат на американски државјани или граѓани со дозвола за постојан престој во САД, ниту пак дека ќе се воведе забрана на летови.
Границите за патници од седум африкански земји ги затвори и Канада.
Претходно, советникот во Белата куќа за пандемијата на Ковид-19 Ентони Фаучи, изјави дека САД чекаат дополнителни научни податоци за новиот вид на коронавирус забележан во Јужна Африка, пред да одлучат за можно затворање на границата.
„Ќе донесеме одлука што е можно поскоро кога ќе имаме повеќе информации“, изјави д-р Ентони Фаучи за Си-Ен-Ен.
Франција, Холандија и Обединетото Кралство беа меѓу првите земји кои ги забранија летовите од Јужна Африка и петте соседни африкански земји од 26 ноември, а подоцна во текот на денот забраната беше воведена низ Европската унија.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека прелиминарните докази сугерираат оти новиот вид на коронавирусот носи поголем ризик од повторна инфекција.
СЗО го означи како сој кој предизвикува загриженост и го нарече „омикрон“ по буква од грчката азбука, како што беше случајот со претходно откриените видови на коронавирус.
Варијантата, досега позната како B.1.1.529, е регистрирана во Јужна Африка, Боцвана, Белгија, Хонг Конг и Израел.
Министерството за надворешни работи на Јужна Африка ја критикуваше Британија, која беше една од првите земји што воведе забрана за летови, поради „избрзана одлука“.
Неколку часа откако Британија ги забрани летовите од Јужна Африка и соседните африкански земји, СЗО предупреди државите да не донесуват избрзани одлуки за забрана на патување.