среда, 10. април 2024. Вести денес: 0
home Вести

СЕ ПОЈАВУВААТ НОВИ ВАРИЈАНТИ: Излегуваме од тунелот, но пандемијата сè уште беснее

СЕ ПОЈАВУВААТ НОВИ ВАРИЈАНТИ: Излегуваме од тунелот, но пандемијата сè уште беснее

На повидок е излез од тунелот на пандемијата на Ковид-19, но мора да останеме будни поради новите варијанти што се појавуваат, изјави денеска во Дубровник министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел и повика на соработка со Русија и Кина, кои, како што рече, користат „вакцинална дипломатија“.

– Излегуваме од тунелот, но пандемијата е сè уште беснее, особено во Јужна Америка, Африка и Индија. Треба да останеме будни бидејќи се појавуваат нови варијанти, рече шефот на дипломатијата на ЕУ на 14-то издание на министерскиот форум на кој една од темите е влијанието на пандемијата на Ковид-19 врз геополитичките односи и светската економија.

Тој предупреди на влошување на состојбата во Африка, континент каде стапките на вакцинација се само три проценти, наспроти 60 проценти во Европа.

– Ни претстои уште долга битка, рече шефот на европската дипломатија, проценувајќи дека една од последиците на пандемијата ќе биде се понесигурен, понееднаков и помалку слободен свет.

Нееднаквоста, истакна тој, ќе биде видлива не само меѓу земјите, туку и во рамките на секоја одделна земја.

Одлучувачки фактор за надминување на пандемијата се вакцините, без кои не можеме да ја добиеме оваа битка, смета Борел.

– На меѓународно ниво имаше многу поделби, немаше соработка, но научниот свет работеше напорно и произведе вакцини за многу кратко време, рече Борел.

Тој додаде дека сигурно треба да сториме повеќе, но посочи и на еден позитивен аспект.

– ЕУ е единствениот регион во светот што го вакцинира своето население и истовремено извезува вакцини во други земји и донира во програмата Ковакс, истакна Бореј.

Тој ги обвини Русија и Кина дека користат вакцини за да ги постигнат своите интереси и предупреди дека „мора да бидеме свесни за тоа“.

– Тие земји низ целиот вет применуваат дипломатија со вакцини, ние мора да бидеме свесни за тоа и да постапуваме во согласност со тоа сознание, рече европскиот дипломат.

Тој посочи дека е важно како ЕУ ќе се позиционира во триаголникот со САД и Кина, потсетувајќи дека Кина бележи „неверојатен“ економски развој и дека добиле многу „пркосна порака“ од претседателот Си Џинпинг дека „на странските сили ќе им биде скршена главата ако се обидат да ја малтретираат или да влијаат на Кина“.

Борел додаде дека забележува оти влијанието на Кина расте во целиот свет.

– Станува сè понаметлива, соработката со неа станува се потешка, оцени тој, но исто така додаде дека со Кина мора да се соработува во многу области и оти економскиот потенцијал е сè уште многу голем.

– Дури 25 проценти од глобалниот економски раст оваа година доаѓа од Кина, истакна Борел, објаснувајќи дека Обединетите нации зборуваат за Кина како „конкурент, ривал и партнер“.

Тој смета дека конкуренцијата меѓу Кина и САД ќе го обликува светот во следните децении и оти ЕУ мора да постави јасна насока, „гледајќи низ своите очила“.

– Со САД делиме историја, политички и економскиот систем. Секогаш ќе бидеме блиски со Вашингтон, но мора да гледаме на светот земајќи ги предвид нашите интереси, рече Борел и додаде дека дијалогот на ЕУ со администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за Кина беше „реален, позитивен и конструктивен“.