Словенечкиот епидемиолог и шефица на советничката група за пандемија Матеја Логар денеска изјави дека е забележано оти во Словенија има се повеќе луѓе кои сакаат намерно да се заразат со коронавирусот со цел полесно да се движат и патуваат, поради фактот што се смета дека оние кои го преживеале вирусот имаат ист имунитет каков што се стекнува со вакцинација.
– Забележуваме тренд на зголемување на бројот на оние што сакаат да се заразат што е можно поскоро со цел да потврда што ќе им овозможи полесно патување и преминување на границите, што е опасна практика која никако не можеме да ја препорачаме, рече Логар на прес-конференција, пренесува телевизија Словенија.
Според неа, поради тоа се разгледуваат ограничувања, односно измени во правилата за патување, но исто така и можноста оние што го прележале коронавирусот да бидат избришани од списокот на лицата кои не мора да се тестираат при преминување на граница.
– Сè уште не знаеме многу за оваа болест. Непредвидлива е и може да има трајни последици. Не знаеме точно какви долгорочни последици има оваа болест, особено кај помладите пациенти, рече Логар.