Пандемијата на коронавирус ќе трае најмалку до крајот на оваа година, изјави денеска шефот на кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел, Хелге Браун за радио „Дојчландфанк“.
– Сега не живееме по пандемијата – повеќе живееме среде пандемија, која ќе биде со нас некое време – најмалку до крајот на оваа година и тоа е многу оптимистично, рече Браун.
Меркел вчера најави чекори за олеснување на карантинот воведен поради коронавирусот во Германија, но во исто време започна и механизам „сопирачка за итни случаи“, со кој се овозможува ограничувањата повторно да се воведат доколку бројот на заразени повторно почне да расте.
Во исто време, германскиот виролог Александар Кекуле изрази загриженост поради брзината и обемот на олеснување на мерките воведени против коронавирусот и предвидува „вирусна бура“ на есен.
Кекуле за ЗДФ изјави дека следењето на синџирот на инфекцијата сè уште не е на посакуваното ниво и оти ризичните групи не се доволно заштитени.
Договореното олеснување на мерките го намалува нивото на безбедност, предупреди директорот на Институтот за медицинска микробиологија на Универзитетската клиника Хале.
Според него, важно е да се развие одржлив концепт за заштита, наместо политика на „попуштање-затегнување“.