Германскиот министер за здравство Јенс Шпан изрази надеж дека за лекување на Ковид-19 наскоро ќе може да се користат лекови со насочено дејство, бидејќи е убеден дека лекот ќе се појави на пазарот пред вакцината.
– Постојат први индикации дека некои лекови, се чини дека помагаат, рече Шпан за весникот „Билд“, додавајќи дека студиите треба да се спроведат што е можно поскоро.
Сепак, тој рече дека мора да се внимава затоа што пациентите мора да бидат заштитени, бидејќи секој лек има и несакани ефекти.
Шпан потенцира дека во Германија веќе се направени повеќе студии, па така и за „стариот“ лек против маларија „Ресохин“ на фармацевскиот гигант „Баер“.
– Развојот на вакцина носи поголем предизвик. За лекот против маларија знаеме со години, децении. Го знаеме дејството и нус појавите, потенцира Шпан, појаснувајќи дека сега тоа мора да биде анализирани и за лекување на Ковид-19.
Кога станува збор за производство на вакцина, се зборува за повеќе месеци, а не неколку.
– Би бил најсреќен министер за здравство во светот доколку за три до шест месеци имаме вакцина. Но јас сум реалист и доволно ме советуваа експертите за да знам дека тоа може да трае и 12 месеци. Поради тоа, во политиката не смееме да будиме лажни надежи, нагласува Шпан.
„Баер“ соопшти дека во Европа треба да се создаде можност за производство на хлорокин, кој може да биде важен во борбата против коронавирусот.