Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени вкупно 2.346.819 лицa. Од нив починати се 161.097, а оздравеле 605.642 луѓе.
– Австралија денеска ја проблематизираше транспарентноста на кинеските власти во однос на одговорот на епидемијата на коронавирусот и побара покренување меѓународна истрага за појавата и ширењето на коронавирусот. Австралиската министерка за надворешни работи Марис пејн изјави дека е исклучително загрижена во однос на кинеската транспарентност за епидемијата на коронавирус.
– Коландски еквиваленти за изразите „корона-кашлач“, „забрана за ракување“ и „карантинска забава“ се некои од новите зборови во холандскиот јазик, исковани во текот на пандемијата на коронавирус, се наведува во новиот интернет речник.
– Во Србија од вторник ќе почне постепено ублажување на рестриктивните мерки, соопшти претседателот Александар Вучиќ и најави дека во првата половина на мај ќе биде исплатена еднократна помош од по 100 евра за секој полнолетен граѓанин.
– Јужна Кореја денеска пријави само осум нови случаи на инфекција, што е прва едноцифрена бројка на нови случаи во последните два месеца.
– Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска им го честиташе Велигден на сите православни верници и им се заблагодари што годинава не го прославуваат заеднички празникот, почитувајќи ги мерките на австриската Влада. – Им благодарам на сите православни верници што годинава се откажаа од заедничко славење. Ви посакувам, и покрај актуелната ситуација, среќен Велигден, напиша Курц на својот Фејсбук профил.
– Во Иран, 87 лица починаа од коронавирусот во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на смртни случаи достигна 5.111, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за здравство, Киануш Јаханпур. Ова е мало намалување на бројот на починати во однос на саботата, кога беа пријавени 73 жртви.
– Во Велика Британија сè уште не размислува за укинување на мерките за изолација воведени поради пандемијата на коронавирус, бидејќи зголемувањето на смртните случаи од Ковид-19 е причина за длабока загриженост, изјави денеска Мајкл Гов, еден од министрите во британската влада. Четири недели по воведувањето на овие мерки, Велика Британија е близу до врвот на здравствената криза, во која досега починаа повеќе од 15.000 луѓе, со што земјата стана петта во светот, а во текот на изминатите три дена бројот на починати се зголемуваше за повеќе од 800 дневно.
– Италијанските медиуми пишуваат дека полицијата која проверува дали граѓаните ги почитуваат мерките за ограничено движење, понекогаш во тоа и претерува. Карабињерите напишале казна од 533 евра на родители, кои со автомобил ја воделе осумгодишната ќерка на контрола во болница, по направена трансплантација. Медицинска сестра, по 24-часовно дежурство, останала без можност да се врати во својот дом, откако полицијата го запрела нејзиниот сопруг кој требал да ја земе и го казнила со 533 евра. Еден маж е казнет со 280 евра, откако полицијата го сопрела и се посомневале дека неговата фризура е уредно потстрижена и средена, во време кога сите бербери и фризери не работат.