сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Состојба со коронавирусот во светот до 20 часот – Бројот на заразени надмина 2 милиони лица

Состојба со коронавирусот во светот до 20 часот – Бројот на заразени надмина 2 милиони лица

Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени вкупно 2.143.703 лица. Од нив починати се 143.258, а оздравеле 540.067 луѓе.

Подгорица -Во Црна Гора во последните 24 часа се регистрирани уште четири лица заразени од новиот вирус Ковид-19, со што вкупниот број изнесува 294. Сите новозаразени се од Подгорица. Шефот на Кризниот медицински штаб Ранко Лазовиќ на прес-конференција рече дека во Клиничкиот центар има вкупно 16 пациенти, од кои двајца се на респиратори.

Брисел – Белгиските власти очекуваат дека во текот на следната недела висината на паричните казни поради прекршување на рестриктивните мерки за време на пандемијата на Ковид-19 ќе изнесува над милион евра. Досега во Белгија се изречени 16.000 парични казни поради непочитување на правилото за ограничено движење и контакти. Казната за прекршување на таа мерка изнесува до 4.000 евра или три месеци затвор.

Цирих – Швајцарија ќе ги казни купувачите кои не ги почитуваат ограничувањата во врска со пандемијата на Ковид-19 и одат да купуваат во соседните земји каде цените се многу пониски, соопшти денеска швајцарската Влада. Жителите на Швајцарија често ги посетуваат Австрија, Франција, Германија и Италија поради пониски цени и можноста за надомест на данок дури и за основни намирници. Казните нема да бидат наплаќани поради купувањето, туку поради нарушувањето на работата на граничарите. Луѓето и натаму ќе можат да ја поминуваат границата заради работа, нега на болни роднини, лекарски третмани и други оправдани причини за патување.

Во Швајцарија има 26.732 заразени, а починати се 1.017, соопшти здравствената агенција.