Епидемиолошка студија спроведена од Институтот Пастер во средното училиште во Крепи-ан-Валоа во Оаз, кое се наоѓа во епицентарот на епидемијата Ковид-19 во Франција, откри дека 26 отсто од наставниците, средношколците и нивните семејства имаат антитела против вирусот. Ниво кое според истражувачите е целосно недоволно за да се оправда и најмало опуштање, јави дописникот на МИА..
Според детали од оваа студија, 41 отсто од средношколците, наставниците и вработените кои работат во ова училиште биле заразени со новиот коронавирус за време на епидемија во февруари-март. При испитувањето беа употребени тестови за откривање за антитела. Но, само 11 од блиските на средношколци (родители, браќа и сестри) имаат антитела против САРС-КоВ-2.
Ова е далеку од 60 до 70 отсто очекувани кај општата популација за да се има доволен групен имунитет за да се запре епидемијата, под услов антителата да бидат навистина заштитнички од коронавирусот и дека тој имунитет трае најмалку неколку месеци.
-Немаме сигурност во однос на заштитната природа на антителата, вели професорот Арно Фонтане, првиот автор на студијата и раководител на единицата за епидемиологија на појави на болести во Институтот Пастер во Париз.
Во случајот со епидемијата САРС, која започна во Кина во раните 2000-ти години, студиите открија дека 10 отсто од пациентите после 12 месеци повеќе немале антитела.
Резултатите од оваа студија сугерираат дека колективниот имунитет нема да се воспостави брзо. Особено со оглед на тоа што „другите региони на Франција се скоро непогодени од епидемијата“ и не се во контакт со овој вирус, додава научникот.
Сепак, тој забележува дека има „позитивни ефекти од затворањето врз забавувањето на епидемијата: училишните празници во февруари и затворањето во Оаз (кое започна на 1 март, пред неговото проширување на цела Франција на 17 март) значително го намали движењето на вирусот во неделите кои следуваа“.
Студијата, беше спроведена од 30 март до 3 април во средно училиште во Крепи-ан-Валоа во Оаз, поврзано со кластер на случаи на инфекција Тестирани биле 661 лице – средношколци, наставници, вработени кои работат во установата, како и родители, браќа и сестри на средношколци. Вкупно 171 (25.9 отсто) од тестираните биле позитивни на серологија со тест на крвта. Стапката на инфекција е слична и кај двата пола.
Заразувањата внатре во семејството не се појавуваат толку често: ризикот да бидат заразени во домот се зголемува од 9 на 17 отсто за родителите ако ученикот бил заразен, а од 3 на 21 отсто за браќата и сестрите ако средношколец бил заразен. Девет отсто од родителите биле заразени кога средношколците не биле, што дава проценка за циркулацијата на вирусот кај возрасната популација во Крепи-ан-Валоа. Стапката беше само 3 отсто кај донатори на заразена крв во две блиски крвни банки.
Од заразените 5,3 отсто биле хоспитализирани (на возраст од 49 години во просек во споредба со 18 години кај оние кои не се хоспитализирани) и нема смртни случаи.
-Средношколците се поблиску до возрасните за нивниот капацитет да го пренесат вирусот отколку децата, вели професорот Фонтане.
Користени се три серолошки тестови, изработени од Институтот Пастер, кои се „многу ефикасни“, со „помалку од 1 отсто на лажни позитивни страни“, подвлекува Бруно Хоен, коавтор на студијата и директор на медицински истражувања во Институт Пастер.
-Тие претходно беа тестирани на примероци од банка на крв, датирани од 2018 и 2019 година, кога новиот коронавирус не циркулирал во Франција, вели професорот Фонтанет.
Меѓу симптомите, студијата потврдува дека инфекцијата е пронајдена кај 84,7 и 88,1 отсто од луѓето кои го изгубиле чувството за мирис и вкус. Најмалку 17 отсто од заразените немале симптоми.
Инфекцијата ги погоди помалку пушачите (7,2 отсто) од непушачите (28 отсто) во оваа студија, потврдувајќи ги претходните набљудувања на многу ниска стапка на пушачи кај пациенти хоспитализирани со Ковид-19.
-Но, пушачите, во случај на зараза, ризикуваат да имаат повеќе компликации од болеста„Ковид-19 “, предупредува професорот Фонтане.