Вакцината против коронавирусот, што ја развива Универзитетот во Оксфорд во соработка со „Астра Зенека“, ќе биде за целиот свет, бидејќи ќе чини само помеѓу три и четири долари, објави британски „Телеграф“.
„Оксфордската вакцина е вакцина за целиот свет. Додека ’Фајзер’ и ’Модерна’објавија дека успешно ја завршиле фазата на три тестирања, британскиот тим првично потенцираше дека нивната цел е да го направат нивниот производ достапен на целата планета. Не станува збор само за вакцина која ќе може да се транспортира и чува на нормални температури, туку и да биде достапна за секого“, пишува „Телеграф“.
Целта поставена од научниците од Оксфорд и „Астра Зенека“ е вакцината да им биде достапна на посиромашните земји во светот, се додава во текстот.
„По цена од само три до четири долари по доза, вакцината на Оксфорд е само мал дел од цената на вакцината ’Фајзер’ и ’Модерна’, која ќе се продава од 20 до 32 долари, што е скапо за многу земји во развој“, стои во текстот на „Телеграф“.
Директорот на тимот што ја направи вакцината во Оксфорд, Ендру Полард вели дека тие направиле „вакцина за светот“.
– Нашата цел беше да ја направиме вакцината достапна насекаде. Мислам дека успеавме да го сториме тоа. Ова се многу возбудливи периоди за здравјето на луѓето, рече Полард. (МИА)