Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Боусер побара дополнителни безбедносни мерки за време на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, по немирите од минатата недела и упадот во американскиот Конгрес на приврзаниците на претседателот во заминување Доналд Трамп.
Опишувајќи го минатонеделниот напад во зградата на Конгресот како „невиден терористички напад“, градоначалничката на Вашингтон во соопштение наведува дека инаугурацијата на Бајден на 20 јануари бара „поинаков пристап“ во споредба со претходните инаугурации.
„Иако ќе се обратам до голем број локални, регионални и федерални служби да ја зајакнат меѓусебната соработка во врска со овој настан, пред сè го повикувам Министерството за внатрешна безбедност да подготви соодветен пристап кон инаугурацијата во согласност со моменталните околности, напиша Боусер во писмото до Џад Волф, кој го предводи ова министерство.
Во своето писмо, градоначалничката наведува дека областа Колумбија, каде што се наоѓа Вашингтон, бара прогласување „состојба пред катастрофа“ за да се овозможи федерална помош.
Таа го повика Министерството за внатрешна безбедност да ја координира својата работа со министерствата за правда и за одбрана, Врховниот суд и Конгресот и да развие федерален план за распоредување на безбедносните сили за заштита на целиот федерален имот.
Вашингтон останува во состојба на готовност пред инаугурацијата на Бајден, и иако настанот традиционално привлекуваше стотици илјади посетители во градот, тоа сега не се очекува поради тешката ситуација со пандемијата на Ковид-19.
Трамп минатата недела потврди дека нема да присуствува на инаугурацијата на новиот претседател.