Врховната рада во Украина го одобри предлог-законот што има за цел да го забрза одобрувањето на вакцините против Ковид-19, и кој исто така го забранува користењето на вакцините произведени во Русија.
Владата соопшти дека очекува во февруари да добие од 100.000 до 200.000 дози вакцини на Фајзер според глобалната програма Ковакс. Во Украина се уште нема одобрена вакцина, но властите постојано изјавуваа дека Киев нема да одобри или користи вакцини од Русија, со кои односите на Украина беа затегнати до крајност.
– Веднаш можам да кажам: можеби сте хистерични многу долго, но никој нема да ја регистрира руската вакцина во земјава, изјави украинскиот министер за здравство Максим Степанов за време на телевизиска прес-конференција.
Украинската фармацевтска компанија Биолик, поддржана од Виктор Медведчук, опозиционер русофил, на почетокот на овој месец соопшти дека поднела барање за одобрување од страна на државата на руската вакцина Спутник V. (МИА)