недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Зголемен бројот на баратели на азил во Холандија

Зголемен бројот на баратели на азил во Холандија

Бројот на лица кои аплицирале за азил во Холандија минатата година драстично се зголемил.

Во 2022 година поднесени се 35.535 барања за азил, што е најголема бројка од 2015 година, објави „NL Times“. Во однос на 2021 година, бројот на барања е зголемен за 43,6 отсто.

Барањата за азил се во благ пораст од септември.

Според податоците на холандската агенција за статистика (CBS), најмногу баратели на азил има од Сирија, како и претходните години. Повеќе од една третина од барателите на азил се Сиријци, потоа Авганистанци, Турци и жители на Јемен.

Се зголемува и бројот на барања за обединување на семејството. Минатата година такви барања поднеле 10.930 лица, главно Сиријци и Турци.

Поради војната во Украина нагло е зголемен и бројот на бегалци од Украина. Минатата година, 1.060 лица од Украина поднеле барање за азил во Холандија, наспроти 70 година пред тоа и 40 баратели во 2020 година. Повеќето Украинци не мора да бараат азил во Холандија, тие можат да останат во земјата врз основа на европските регулативи.

Во исто време, минатата година 590 Руси побарале азил во Холандија. (МИА)