петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

ВИКЕНД БЕЗ ДДВ ИЛИ ДЕН СО „ЌЕ“ ПОВРАТ НА ДДВ???

ВИКЕНД БЕЗ ДДВ ИЛИ ДЕН СО „ЌЕ“ ПОВРАТ НА ДДВ???

Убаво звучеше во ек на изборна кампања да се најавува викенд без ДДВ, во тек на кампања да се делат ваучери и така натаму… Сето тоа заврши.

Наместо викендот без ДДВ, како што власта го нарекува, да се случи во последниот викенд од август месец, тој викенд се формира или ја изгласаа старо-новата влада. И еве, да речеме, дека имаат некакво оправдување за тоа што тој викенд помина така.

Па, следеше месец септември, во кој на една од седниците, мислам дека беше колегата Милошоски тој кој ги потсети на ова „заборавено“ ветување. Помина  така и септември без викенд без ДДВ, за сега да го изберат токму следниов викенд за ова нивно ветување. Замислете, од овој викенд два дена се празнични и неработни, што значи дека не станува збор за викенд без ДДВ, туку станува збор за сабота без ДДВ, во која има добар дел на локали кои не работат со полно работно време. На крајот, се’ ќе се сведе на половина работен ден без ДДВ.

Што се однесува пак до тоа колку станува збор за ден или викенд без ддв, треба да кажат јавно и транспарентно, за какви што се декларираат дека се, дека граѓаните ќе си го платат ДДВ-то во сабота, а истото ќе им биде вратено, после нивното писмено барање до УЈП или скенирање на фискалните сметки преку мобилните апликации (доколку имаат такви мобилни апарати). Што значи, денот без ДДВ не е без, туку е со ДДВ и со ветување за поврат на истото. Овде не треба да потсетувам колку власта изминативе три и пол години се докажа во реализирање на ветеното.

А, нели ќе и’ беше полесно на власта, а и појасно за граѓаните, да соопшти дека ќе се работи за ден, а не за викенд, и за ветен поврат на ДДВ, а не за плаќање без ДДВ?

И можеби е добро уште денес да им кажат на граѓаните кога точно ќе си го добијат повратот на ДДВ, за да не си направат непланирани трошоци, а за истите парите да им бидат вратени којзнае кога.

Понатаму, малку или малку отповеќе е ризично да се прави ваков викенд или ден, кога само во изминатите два дена имавме близу 700 новозаразени?

Сите луѓе кои ќе излезат да ја искористат оваа мерка ќе бидат во затворени простории и веројатноста за дополнителен ризик од ширење на корона вирусот е многу голема.

Како и да е, овој предлог на закон денес ќе се изгласа, но тоа што не го прифатија нашиот амандман да има уште четири други вакви викенди, зборува само за нивниот гол популизам и за тоа дека ова ветување беа приморани да го реализираат (од јавноста и од опозицијата), а дека воопшто немаат намера навистина и реално да им помогнат на граѓаните да се справат со сиромаштијата, во која тие ги заглавија.

Да имаа навистина добри и искрени намери, можеа да поделат ваучери за секое семејство кое има дете или деца ученици и кое не е во можност да им обезбеди компјутер за следење на далечинска настава, а не вака, со ветен поврат на ДДВ да изигруваат душегрижници. Но, сега не сме во предизборие, а ваучерите оваа власт ги искористува исклучиво во предизборни цели.

Ваквата „грижа“ во овие денови е далеку од искрена, затоа што виновниците за оваа сериозна здравствена и економска криза во која сме вовлечени се луѓето од власта, а само заради нивниот неодговорен и несериозен пристап кон реалноста.

Нека ни е аирлија викендот-денот со ветување за поврат на ДДВ и нека си го чуваат здравјето сите оние кои ќе имаат доволно финансии, но и волја да ја прифатат милоста од оваа безмилосна власт.

Дафина Стојаноска – пратеничка