Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализирани се 28 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 426 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 19 приеми и тоа еден пациент бил хоспитализран на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, еден во ковид центарот на Клиниката за неврологија, двајца болни на Клиниката за дерматовенерологија, седум пациенти на ковид одделението на Клиниката за гастроентерохепатологија и осум пациенти се примени на Клиниката за нефрологија. Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ се примени пет пациенти, а на Инфективната клиника четири пациенти.
На Кожната клиника во ковид центарот во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 35, а на Институтот за ТБЦ – 55, на Клиниката за гастроентерохепатологија има 25 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има 79 пациенти, на Клиниката за инфективни болести 160 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 40 пациенти, од кои 12 деца и 28 возрасни.
Од вчера пациенти сомнителни и потврдени за Ковид – 19 се примаат и во ковид центарот на Клиниката за нефрологија. Таму во моментов се сместени осум пациенти и има уште 17 слободни кревети.
Вкупно 426 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“. Во наредните неколку дена со работат ќе почне и ковид центарот на Клиниката за оториноларингологија. Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, стои во соопштението. (МИА)