Капитенот на Холандија, Џорџинио Вајналдум, се закани дека тој и неговите соиграчи би можеле да го напуштат теренот за време на натпреварот од осминафиналето на Европското првенство. Неговата репрезентација ќе игра в недела од 18 часот против Чешка во Будимпешта.
Вајналдум смета дека би можело да дојде до расистички навреди, кои веќе беа видени за време на турнирот во престолнината на Унгарија.
„Размислував за напуштање на натпреварот. Можеби ќе го направат тоа, кога ќе излеземе од теренот противникот да победи. Ќе мораме да разговараме со судијата. Можеби ќе одлучиме да го напуштиме теренот“, изјави новиот фудбалер на ПСЖ.
Вајналдум е свесен што се случуваше на натпреварот меѓу Унгарија и Франција во групата на ЕП. Тогаш поединци од трибините расистички ги навредуваа Килијан Мбапе и Карим Бензема.