Бурек. Само што ќе го изговорам, топло ми е на душава. Испарува. Со месо, со урда (да се разбереме, тоа што го пишуваат дека е сирење, е всушност урда), со спанаќ, а во поновиве верзии и „пица“ и „зденка- маслинка“. Тесто што е најбарано наутро, а богами и доцна во ноќта кога завршуваат забавите.
Каде и да работи човек во нашава земја, појадокот е или набрзина или е во форма на некое печиво. Ние си сакаме утрински, да си го згрееме срцето со бурек. Барем јас, штом залади, прво што мислам за појадок е тоа. Не е најздравата опција, но е барем удобно за непцето, особено со јогурт.
Историски гледано, бурекот е во „фамилијата“ полнети теста, односно познат и како јуфка, со потекло од Отоманското царство. Она што е специфика за бурекот е што основата му е тесто, а полнењето може да биде различно, како и формата. Името потекнува од турскиот корен bur – „да завиткува, витка“, а со тоа се кажани многу нешта. Во одвиткана форма, бурекот е омилен појадок во многу работни средини на Балканов.
Памтам дека на едно патување во Сараево, стигнавме доцна во ноќта во градот и прво што направија домаќините – нè однесоа на сараевска „кромпируша“! И тоа е вид на бурек, во долгнавеста форма, со многу компир, кромид и бибер во филот… И како да го заборави човек тоа искуство?
А баш тогаш и Дино Мерлин излезе со албумот „Бурек“, па имаше смисла да се зачуваат вакви фрагменти од патувањето.
Најважно е што освен што е во поп културата, во сленгот, бурекот е и во основа, причина за утринската работна, па и општествена заедница да биде заситена. Дури и К- 15 Трио го зачуваа во својата песна, преработката на популарната „Fever“ на Елвис Присли.
Признајте дека си го запеавте рефренот
Еве како се прави бурекот, една магична видео приказна.